Означувањето на пред новата ера/новата ера не користи нулта година; сепак, астрономското нумерирање на годините користи нулта година, како и знакот минус, така што „втора година п.н.е.“ (2 п.н.е.) е еднакво на „-1 година“. Ова е стотиот век во Холоценскиот календар, а ги опфаќа годините 9,901-10,000. По овој век следи првиот век од новата ера (н.е.).
Во тек на овој век сите преостанати независни земји околу Средоземното Море биле постепено ставени под римска контрола, управувани директно со гувернери или со кралски марионети назначени од Рим. Самата римска држава била втурната во неколку граѓански војни, што конечно резултирало со завршување на 500-годишната република и создавање на империја со поминување на целокупната власт во рацете на еден човек – царот.
Внатрешните превирање кои се случувале во Рим во тоа време значеле смрт за Римската република и овозможиле издигнување на моќни историски личности со автократски амбиции, како што се: Сула, Јулиј Цезар, Марко Антониј и Октавијан Август. Прогласувањето на Октавијан во император Август, како единствен властодржец во Римското Царство, претставувало историски пресврт кој го означил крајот на Римската република и почетокот на Римското Царство. Некои историчари овој настан го нарекуваат Римска револуција. Се смета дека раѓањето на Исус, централната фигура во христијанството, се случило на крајот од овој век.
На азискиот континент, во втората половина на првиот век п.н.е., дошло до постепено пропаѓање на династијата Хан, а кралскиот двор во Кина бил во хаос. Истовремено затекнати од тешката ситуација граничните номадски племиња Хунну морале или да мигрираат на запад или да се присоединат на династијата Хан.
80 п.н.е.: Серториј ја нападнал Шпанија и воспоставил своја власт, почнувајќи ја Серторијанската војна (80-72 г. п.н.е.).
80 п.н.е.: Конфликтот помеѓу регентите Шангуанг Џи и Ху Гуанг завршил со уништување на кланот на Шангуанг, а Ху Гуанг станал de facto владател на Кина.
80 п.н.е.: Мауес, кралот на Сака, ги покорил Гандара и Таксила.
74 п.н.е.: Царот Џо од династијата Хан починал и бил наследен од принцот Хе од Чанги, а потоа од царот Ксуан од династијата Хан. Ху Гуанг останал de facto владател на Кина.
73-72 п.н.е.: Луциј Лукул Помладиот го победил Митридат во Битката кај Тенедос, Битката кај Кизик и Битката кај Риндаке, по што Митридат избегал во Ерменија.
71 п.н.е.: Гнеј Помпеј Велики ја завршил Серторијанската војна (ја обновил римската власт врз Шпанија) и го задушил Спартаковото востание, враќајќи ја римската власт врз Јужна Италија.
63 п.н.е.: Помпеј го зазел Ерусалим и ја анектирал Јудеја и ја укинал Селевкидската династија во Сирија. Аристобул II бил симнат од власт, а бил поставен Хиркан II како римски вазал.
48 п.н.е.: Имепаторот Ксуан од династијата Хан починал, а бил заменет од неговиот син Јуан. Ванг Женгџун станала царица, а нејзиниот клан ја симнал од власт династијата Хан.
33 п.н.е.: Царот Ксуан од династијата Хан починал и бил заменет од неговиот син Ченг. Царицата Ванг Женгџун станала кралица-мајка, а нејзиниот брат е назначен за командант на војската и администрацијата.
4 п.н.е.: Јудејското кралство било анектирано во рамките на римската провинција Сирија по смртта на кралот Херод.
2 п.н.е.: Царот Аи од династијата Хан го назначил Донг Ксијан за водач на кинеската армија и администрација.
1 п.н.е.: Починал царот Аи од династијата Хан, а бил наследен од неговиот 8-годишен роднина Пинг. Ванг Манг бил назначен за регент и започнал големи реформи.