На почетокот од овој век, Римското Царство го достигнало своето најголемо територијално проширување за време на владеењето на царот Трајан, но по неговата смрт тоа започнало полека да пропаѓа. Ова бил век на проспоритет на империјата, а најпознат е по владеењето на Петте добри императори. За време на владеењето на царот Адријан, Евреите биле протерани од Ерусалим по Востанието на Бар Кохба. Последната четвртина од векот го означила крајот на периодот на мир и просперитет, познат како Pax romana, со смртта на царот Марко Аврелиј, последениот од Петте добри императори и доаѓањето на власт на царот Комод.
Иако во текот на првата половина од овој век Хан династијата во Кина цврсто се држела на власт и го проширила своето царско влијание во Средна Азија, во втората половина од векот владеела широко распространета корупција и избувнало Востанието на жолтите турбани. Овие превирања постепено довеле до конечниот пад на династијата во 220 година.
Клавдиј Птоломеј составил каталог на сите ѕвезди видливи со голо око. Тој исто така составил три од највлијателните книги во западната историја:
Алмагест, математичка и астрономска расправа за привидните движења на ѕвездите и планетарните патеки, кое дело станало основа за западна и блискоисточна астрономија сè до времето на Никола Коперник и Јоханес Кеплер.
Geographia, е географски лексикон, атлас и трактат за картографија, кој претставувал компилација на сите географски познавања на Римското Царство од II век.