Во овој век бил основан Паталипутра, главниот град на империјата Магада. Градот опстанал повеќе од илјада години и станал главен град на многу индиски кралства. Овој период бил одбележан и со развојот на две големи филозофски школи во Азија, Џаинизам и Будизам. Махавира и Буда своите учења ги рашириле по северните рамнини на Индија, што, во суштина, ја сменило социо-културната и политичката динамика во регионот на Јужна Азија. Будизмот подоцна се развил во една од најголемите светски религии.
Во овој период делата на древно-индискиот граматичар Јаска станале широко познати. Тој ја создал Нирукта, една од најстарите дела по граматика позната на човештвото, со која го поставил камен-темелникот на санскритската граматика.
Овој век во Европа традиционално е познат како класичниот период на Грците, кој продолжил и во 4 век п.н.е. сè до времето на Александар Македонски. Животот и делото на Сократ претставувало значајно обележје во грчката филозофија, иако неговите учења преживеале само преку делата на неговите ученици, особено на Платон и Ксенофонт. Творците на класичните грчки трагедии Есхил, Софокле и Еврипид, како и големиот творец на комедии Аристофан, ѝ припаѓале на оваа ера, а нивните дела сè уште се сметаат за класика на европското театарско творештво.
Грчко-персиските војни, кои се воделе меѓу коалицијата на грчките градови и големото Ахеменидиско царство (Првата персиска империја) биле клучниот настан во грчката политика. По успешното спречување на анексијата на Грција од страна на Персијците, Спарта, доминантната сила во коалицијата, немала намера за понатамошни напади и сметала дека војната е завршена. Во меѓувреме, Атина продолжила со нападите, ослободувајќи ги грчките градови на Јонското крајбрежје од Персиската империја и ја создала новата коалиција наречена Делски сојуз. Тензиите меѓу Атина и нејзините растечки империјалистички амбиции како водач на Делскиот сојуз и традиционално доминантната Спарта довеле до Пелопонеската војна.
490 п.н.е.: Грчкиот војник Фидиппид трчал 40 километри од Маратон до Атина за да ја објави веста за победата на Грција и по објавувањето починал од изнемоштеност и крварење; оттаму потекнуваат маратонските трки.
480 п.н.е.: За да ги убеди Атињаните дека во борба против Персијците е потребна морнарица, а не пешадија, грчкиот генерал Кимон, заедно со неговите пријатели, демонстративно со коњски узди отишле на Акропол и се помолиле на божицата Атена, зел штит и слегол кон морето.
11 август, 480 п.н.е.: Херојската Битка на Термопилите помеѓу вдружените грчки полиси, предводени од спартанскиот крал Леонид I, и Персијците, во која тие извојувале скапа победа над Грците.
479 п.н.е.: Битката кај Микале била една од двете големи битки во која победиле вдружените грчки полиси, после што завршила втората персиска инвазија над Грција.
461 п.н.е.: Атинскиот политичар Кимон бил прогонет на десет години.
460 п.н.е.: Египет се побунил против Персија, отпочнувајќи шестгодишна војна. Атинската војска која била испратена за напад на Кипар била пренасочена за да го поддржи овој бунт.
459 п.н.е.: Еврејскиот свештеник Ездра, по 50 годишно ропство во Вавилон, ги извел Евреите од Вавилон и ги однел во Ерусалим.
458 п.н.е.: Грчкиот драматург Есхил ја завршил трилогијата Орестија, приказната за семејната крвна одмазда. Со оваа трагедија тој ја освоил првата награда на натпреварот во 458 г. п.н.е. Овие три трагедии се единствени целосно сочувани дела на античката литература.
457 п.н.е.: Во оваа година била спроведена најголемата реформа на атинскиот државник Перикле, кој им овозможил на обичните луѓе да служат во било која државна канцеларија, а се смета дека тоа било почеток на Златното доба на античка Атина.
450 п.н.е.: Во овој период дошло до постепено раселување и пропаѓање на Олмеците, древната цивилизација од Средна Америка. Тие го создале првото писмо во Америка, развиле календар, граделе пирамиди и измислиле игра со топка.
443 п.н.е.: Римската Република основала канцеларија на цензори, кои биле високи државни функционери и кои првично биле исклучиво од редовите на патрициите (благородниците).
439 п.н.е.: Гај Сервилиј Ахала го убил богатиот римски плебеец Спуриј Мелиј кој за време на големата глад во Рим продавал жито на народот по ниска цена, поради што бил обвинет дека сака да го придобие народот за да се прогласи за цар.
431 п.н.е.: Грчкиот лекар и филозоф Емпедокле ја основал хуморалната теорија, според која човечкото тело се состои од четири основни телесни сокови (хумори): крв, жолчка, црна жолчка и слуз. Ова верување доминирало во медицината со векови.
430 п.н.е.: Во Атина владеела голема епидемија, се верува дека била предизвикана од епидемичниот тифус.
424 п.н.е.: Сицилија се повлекла од војната и ги протерала сите страни војски, затоа и Атина била принудена да се повлече од островот.
424 п.н.е.: Атињаните се обиделе да ја освојат Мегара, но биле поразени од Спартанците.
424 п.н.е.: Спартанскиот генерал Бразид го освоил Амфиполис, што бил неуспех за Атина. Тукидид бил прогласен за одговорен за атинскиот неуспех и бил прогонет, а за тоа време напишал книга по историја.
423 п.н.е.: Атињаните дале предлог за прекин на воените дејствија, кој спартанскиот генерал Бразид го одбил.
422 п.н.е.: Спартанците ги поразиле Атињаните во Битката кај Амфиполис, каде биле убиени и атинскиот генерал Клеон и спартанскиот генерал Бразид.
416 п.н.е.: Атињаните го зазеле островот Мелос и се однесувале многу сурово кон неговите жители.
416 п.н.е.: Атињаните ја прифатиле молбата за помош од Сицилија и започнале да планираат инвазија на островот.
415 п.н.е.: Светите Херми во Атина биле уништени пред да се испрати воената експедицијата за Сицилија. Еден од виновниците, Андокид бил фатен и принуден да ги издаде другите, меѓу кои бил и Алкибијад, поради што биле осудени на смрт.
414 п.н.е.: Атињаните се обиделе да направат пробив во опсадата на Сиракуза, но биле поразени од Спартанците.
413 п.н.е.: По поразот во Сиракуза Никиј побарал помош од Атина, која го пратила војсководецот Демостен со голема флота, која била поразена во поморската битка кај Сиракуза, во септември 413 г. п.н.е. Копнената атинска војска била повлечена длабоко во Сицилија, но била опколена од спартанската војска и била тешко поразена. И двајцата војсководци, Демостен и Никиј биле убиени, а сите други заробеници биле претворени во робови.
411 п.н.е.: Демократијата во Атина била соборена и заменета со олигархиски Совет од четиристотините. Овој совет скоро потоа бил поразен, редот бил повратен, а почнал да владее Советот на петте илјади. На почетокот на следната година Советот на петте илјади бил симнат и била обновена старата демократија.
408 п.н.е.: Персискиот цар Дариј II одлучил да ѝ помогне на Спарта во војната и го прогласил својот син Кир за сатрап. Меѓутоа Кир започнал да собира војска за исполнување на своите интереси, а не за интересите на својот татко.
407 п.н.е.: Атинската флота била поразена од Спарта во Битката кај Нотиум, што била причина за противниците на Алкибијад да му ја одземат командата. Тој никогаш повеќе не се вратил во Атина.
403 п.н.е.: Кинеската држава Џин била поделена на три помали нации.
403 п.н.е.: Некои прогонети Атињани се вратиле за да се борат со Триесетте тирани и да ја вратат демократијата во Атина. Меѓутоа, биле поразени од страна на Спартанците во Битката кај Пиреја. По ова, спартанскиот крал Павзаниј II дозволил демократијата да биде обновена во Атина.
403 п.н.е.: Атинскиот војсководец Тразибул ја вратил атинската демократија и прогласил речиси општа амнестија.
403 п.н.е.: Атињаните ја прифатиле јонската азбука.
400 п.н.е.: Откако Кир бил убиен, неговите грчки платеници се вратиле назад во Грција, каде Спарта, импресионирана од нивните подвизи и маршот низ Персија, решиле да прогласат војна на Персија.
Лиеното железо за првпат било употребено во кинеското кралство Ву, по иновацијата на високите печки. Тоа станало широко применувано изработка на земјоделски алатки и оружје.
Требушет е катапулт кој за првпат бил употребен од следбениците на кинескиот филозоф Мо--це.
Грците почнале да употребувале кранови со дигалка при конструкција и товарење на бродови.
Грците пронашле индиректен метод за лиење на бронза.
Кинескиот инженер за хидрауликаКсимен Бао ја надгледувал изградбата на огромен систем на канали за земјоделско наводнување, а бил најмен од Маркиз Вен од Веи (445 г. п.н.е. - 396 г. п.н.е.).
Кинескиот филозоф Ли Куи ја напишал книгата на закони во 407 г. п.н.е., која била основа за кодексот на закони на следната Ќин династија, а делумно и на Хан династијата.