Авион — летечка направа со крила и мотор. Првиот авион, наречен „Флаер“, е измислен во САД од страна на браќата Орвил и Вилберт Рајт. Првиот документиран полет е направен на 17 декември1903 година и траел 12 секунди. Тој ден се напревени вкупно четири летови од кои најдолгиот треал 59 секунди и биле прелетани 279 метри. Веќе во 1905 година е изведен првиот контролиран лет од страна на „Флеар 3“.
Во Првата светска војна, авионите почнале да се користат како оружје. Најпознат пилот, со најмногу победи, од тоа е време е германецот Манфред Вон Рихтофен, попознат како „Црвениот Барон“. Помеѓу двете светски војни дошло до забрзан развој на авионите. Во 1919 година, Алкок и Браун го прелетале Атлантскиот Океан, а во 1927 година Чарлс Линдберг сам го прелетал истото растојание. Истата година биле воведени редовни летови помеѓу САД и Канада, а во 1930 година почнал и развојот на млазниот мотор, кој започнува сериски да се вградува во авионите на почетокот на Втората светска војна. Авионите се користат и за комерцијални цели, како за превоз на патници така и за превоз на товар.
Типови авиони
Модерните авиони денес можат да летат со брзина од над 800 км/ч, а во зависност од типот, полетуваат со брзина од 130 до 290 км/ч.
Постојат неколку типови авиони:
мали авиони за тренинг и рекреација сè до големи патнички;
транспортни цивилни и воени авиони;
авиони чиј крила се собираат кога се на земја (фиксни неподвижни во лет) поради полесен транспорт или сместување на поголем број авиони на носачите на авиони;
авиони со променлива геометрија на крила. Овие авиони кога ќе ја постигнат оптималната брзина и висина при летање ги „повлекуват“ крилата кон трупот, со тоа се намалува нивниот распон.
Најголеми и најпознати фабрики за изработка на авиони се „Боинг“ (Boeing) и „Ербас“ (Airbus). Постојат и други фабрики, како „Фокер“, „Даглас“, „АТР“, „Сааб“ итн., но првите две се со најголем број на продадени авиони. „Боинг“ е првиот произведувач на авиони, а седиштето му е во САД. Во минатото, „Боинг“ бил производител на најголемиот патнички авион во светот „Боинг 747“, познат како „Џамбо Џет“. „Боинг“ е водечки производител според бројот на продадени авиони, а нивниот најпопуларен авион „Боинг 737“ е продаден во повеќе примероци отколку сите продадени авиони од компанијата „Ербас“.
„Ербас“ е произведувач на авиони од Европската унија, а акциите на компанијата се сопственост на повеќе фирми од ЕУ. „Ербас“ е компанија која го изработила најголемиот патнички авион во светот - „Airbus А380 Super Jumbo“. Станува збор за авион кој има две „палуби“ по целата должина на трупот и е во состојба да прими преку 550 патници.
Авионот како тема во уметноста и во популарната култура
Авионот како тема во книжевноста
„Ирски воздухопловец ја предвидува својата смрт“ (An Irish Airman Foresees his Death) — песна на ирскиот поет Вилијам Батлер Јејтс.
„Хартиено авионче“ — кус расказ на македонскиот писател Драган Георгиевски од 2013 година.
„Дочекот на млазниот авион“ — песна на полската поетеса Вислава Шимборска.
Авионот како тема во музиката
Б-52-ки (англиски: The B-52's) — американска рок-група, основана во 1976 година.
Авионот на Џеферсон (англиски: Jefferson Airplane) — американска рок-група, основана во 1965 година.
„Авионите пеат“ (српски: Avioni pevaju) — песна на српската рок-група Бјесови од 1994 година.
„Авион“ (англиски: Aeroplane) — песна на исландската поп-музичарка Бјорк (Björk) од 1993 година.
„Авионот на Џонсонови“ (англиски: Johnson's Aeroplane) — песна на австралиската поп-рок група Инексес (INXS) од 1984 година.
„ДЦ-10“ (англиски: DC-10) — песна на швајцарската панк-рок група Клинекс/ЛиЛиПУТ (Kleenex/LiLiPUT).
„Во авионот над морето“ (англиски: In The Aeroplane Over The Sea) — музички албум на американска рок-група Њутрал милк хотел (Neutral Milk Hotel) од 1998 година.
„Собори го авионот“ (англиски: Hit the plane down) — музички албум на американската рок-група Пејвмент (Pavement) од 1994 година.
„Авиону ќе ти ги скршам крилата“ (српски: Avionu slomiću ti krila) — песна на српската рок-група Рибља чорба (Riblja Čorba).
„Бев пилот-камиказа“ (англиски: I Was a Kamikaze Pilot) — песна на австралиската рок-група Худу Гурус (Hoodoo Gurus) од 1984 година.
„Приватен авион“ (англиски: Private Plane) — песна на американската рок-група Хускер Ду (Hüsker Dü) од 1985 година.