Алфонсо Куарон | |
---|---|
Куарон во јули, 2013 | |
Роден(а) | Alfonso Cuarón Orozco 28 ноември 1961 Мексико Сити, Мексико |
Алма матер | Национален автономен универзитет на Мексико |
Занимање |
|
Активен период | 1981–сè уште |
Сопружник | Маријана Елизондо (в. 1980; раз. 1993) Аналиса Буљани (в. 2001; раз. 2008) |
Деца | 3, меѓу кои Хонас Куарон |
Роднини | Карлос Куарон (брат) |
Алфонсо Куарон (шпански: Alfonso Cuarón; роден на 28 ноември, 1961 година) е мексикански филмски режисер, продуцент, сценарист, кинематограф и монтажер. Куарон е првиот филмски режисер роден во Мексико, кој ја освоил наградата Оскар за најдобра режија. Тој е номиниран за Оскар во шест различни категории,[б 1] рекорд што го дели со Волт Дизни и Џорџ Клуни.
Куарон има добиено 11 номинации за Оскар, освојувајќи четири меѓу кои Најдобар режисер за Гравитација (2013) и Рома (2018), Најдобра филмска монтажа за Гравитација и Најдобра кинематографија за Рома. Неговото творештво вбројува неколку филмови од различни жанрови: семејната драма Малата принцеза (1995), романтичната драма Големи очекувања (1998), патописниот младински филм Y tu mamá también (2001), фантазискиот филм Хари Потер и Затвореникот во Азкабан (2004), и дистописката научна фантастика Деца на човештвото (2006).