Како што е често случај после голема војна, крајот на Втората светска војна довел до експлозија на наталитетот во многу земји, особено во Европа, Азија, Северна Америка и Австралија. Оваа експлозија во наталитетот го добила името бејби-бум (англ. baby-boom — „бебешки бум“) од еден напис на Силвија Ф. Портер, колумнист на Њујорк Пост. Периодот кој обично се смета за бејби-бум по Втората светска војна е од 1946−1964. Само во САД, околу 76 милиони бебиња се родени во тој период. Во 1946, бројот на новородени пораснал од 222.721 во јануари на 339.449 во октомври. До крајот на 1940-тите се родиле околу 32 милиони бебиња, споредено со 24 милиони во 1930-тите. Во 1954 г., годишната стапка на раѓања надминала 4 милиони и останала на тоа ниво до 1965 г., кога 40% од населението било на возраст под 20 години.
Причината за настанувањето на оваа експлозија во наталитетот биле претходните 20 години во кои одгледувањето деца било отежнато поради Големата криза и Втората светска војна. Порастот на наталитетот го одразувал подобрувањето на социјалните и економските услови кои претходно ги оневозможувале луѓето да основаат семејства.
Многу европски земји, Австралија и Нов Зеланд исто така искусиле експлозија на наталитетот. И во Република Македонија е регистриран пораст на наталитетот во истиот период.
Експлозијата во наталитетот довела до создавање на една цела генерација на популација која одиграла позитивна улога во економскиот развој, во културата, и во општествениот развој на матичните земји.