|
Бојан Богдановиќ (Мостар, 18 април 1989) e хрватски кошаркар, крило на Детроит Пистонс во НБА и на хрватската репрезентација.
Роден во Мостар, Босна и Херцеговина, во младоста Богдановиќ играл фудбал, но на возраст од 12 години се одлучил за кошарка и ја започнал својата кариера во екипата на Зрињски. Набргу потоа, заминал во шпанскиот великан Реал Мадрид, каде не успеал да се избори за поголема минутажа и по неколку сезони поминати на позајмици во 2009 година дошол во Цибона. И покрај финансиските проблеми во клубот, Богдановиќ ги предводел Цибосите во Евролигата, а во сезоната 2010-2011 бил најдобар стрелец во Јадранската лига. Во турскиот Фенербахче созреал како играч и освоил неколку трофеи како првенството и купот на Турција, а се истакнал и во европските натпреварувања.
Врвот на својата кариера, Богдановиќ го достигнал со влегувањето во НБА, каде играјќи за Бруклин Нетс соборил неколку рекорди на Дражен Петровиќ. Во неговата руки сезона, бил избран во втората идеална постава на новаците во НБА лигата за сезоната 2014-2015. Во долгата НБА кариера, покрај за Нетс играл уште и за Вашингтон Визардс, Индијана Пејсерс, Јута Џез и Детроит Пистонс.
Во периодот меѓу 2005 и 2009 година, тој ги претставувал младинските селекции на Хрватска под 16, 18 години и 20 години. Од 2010 година, ја претставува сениорската репрезентација: со селекцијата на Хрватска учествувал на 2 светски првенства (2010 и 2014), 5 европски првенства (2011, 2013, 2015 и 2017, 2022 година) и една Олимпијада (2016).
Роден во Мостар во Босна и Херцеговина, Богдановиќ израснал играјќи фудбал до својата 15-та година, возраст на која неговиот татко го убедил дека е подобро за него да игра кошарка иако Бојан бил убеден дека може да биде успешен во фудбалот со доаѓањето да игра за хрватската репрезентација. Својата кошаркарска кариера ја започнал во локалниот тим Зрињски Мостар, истиот во кој претходно тренирал фудбал, правејќи го своето деби за првиот тим на многу рана возраст. Тој бил забележан од Реал Мадрид, кој го купил во 2005 година, а потоа го оставил на уште една година (на позајмица) во Зрињски.
По завршувањето на позајмицата, се вратил во Реал Мадрид каде одиграл неколку натпревари за првиот тим, но многу често бил испраќан во Б тимот со кој го поминал најголемиот дел од времето на својот престој во кралевскиот клуб. Дебитирал во Евролигата во сезоната 2007-2008, играјќи две минути во победата со 104-73 на домашен терен над Роан.
Во 2008 година, тој бил позајмен на Мурсија со надеж дека ќе најде повеќе простор, што не се случило бидејќи тој одиграл само 4 натпревари, враќајќи се по 6 месеци во Реал Мадрид во јануари 2009 година. По враќањето во Реал Мадрид, под водството на новиот тренер Еторе Месина, Богдановиќ не бил сигурен дали ќе добие права шанса. Кон крајот на сезоната се споменувало негово заминување во Цибона, но проблемот околу неговото доаѓање во хрватската метропола бил договорот со Реал.
Во август 2009 година, тој го раскинал договорот со Реал Мадрид и потпишал четиригодишен договор со Цибона како слободен играч. Во првата полусезона многу осцилира во својата игра. Така, во победата над Партизан во Белград ги промашил сите три шута од поле и не се запишал меѓу стрелците. Од друга страна, во победата над Широки во АБА лигата два месеци подоцна, тој постигнал 16 поени. На почетокот на декември 2009 година, ФИБА Европа го вклучил во кандидатурата за најдобар млад кошаркар на годината. Две недели подоцна, во јануари 2010 година, тој постигнал 11 поени во победата на Цибона над АСВЕЛ на домашен терен, со што им помогнал да стигнат до најдобрите 16 тимови во Евролигата. На почетокот на март 2010 година, во победата на Цибона против Химки, тој постигнал 22 поени (6 тројки од 6 обиди) со 9 скока и една асистенција, што му ја донела титулата за најкорисен играч на играта. Подоцна бил прогласен за најдобар поединец на 5. коло во Топ 16 фазата на Евролигата. Веќе следниот месец, добил понуди од атинските гиганти Олимпијакос и Панатинаикос. Истиот месец, Богдановиќ ја одбил понудата и се пријавил на НБА драфтот. Два дена подоцна, тој бил вклучен на 5-тото место на најдобри кошаркари во Евролигата, додека титулата му припадна на плејмејкерот на Барселона Рики Рубио. На крајот од сезоната добил понуда од италијанскиот клуб Виртус Рома, но ја одбил поради неизвесната минутажа и статусот на лидер во Цибона.
Следната сезона, во натпреварот од првото коло на Евролигата, Богдановиќ ја предводел Цибона со 28 поени во поразот од Барселона. Благодарение на неговата игра, не се оствариле предвидувањата на јавноста дека Цибона, која тогаш била во хаос, ќе претрпи рекорден пораз од каталонците. Напротив, Цибона одолевала во поголемиот дел од натпреварот и на крајот изггубила со 14 разлика. После натпреварот, Невен Спахија, тогашниот тренер на Фенербахче, го нарекол Богдановиќ еден од најдобрите играчи во Европа. Иако истата есен добил неколку понуди од европските клубови, тој сите ги одбил изјавувајќи дека "од инат ќе игра за Цибона". Сезоната ја завршил како најдобар стрелец во АБА лигата за сезоната 2010-2011 со просек од 22 поени по натпревар.
И покрај новиот пораз од Барселона во Евролигата на домашен терен на крајот на ноември, Богдановиќ со 26 поени бил најдобар стрелец на натпреварот. После поразот дошло до штрајк на целиот персонал на Цибона заради небрижноста на Градот Загреб и неодлучноста на градоначалникот Милан Бандиќ за решавање на финансиските проблеми на клубот. Во деновите на крах на Цибона, Богдановиќ постигнал 27 поени во поразот од Будуќност во Подгорица. Во наредните денови тој добил понуди од Макаби, Валенсија, Фенербахче и Бенетон. Сите ги одбил и останал верен на волците. Иако првиот натпревар во 2011 година го одиграл под инекции, во победата на Цибона над Цедевита уфрлил 20 поени.
Во наредните недели, Цибона започнала да се опоравува од колапсот, па благодарение на паричната интервенција на Здравко Мамиќ и е отблокирана сметката. И покрај паричното опоравување, Цибона доживеала неколку порази во АБА лигата и во домашното првенството. Единствената светла точка за клубот била победата над Борик во домашното првенство, во која Богдановиќ покрај 28-те поени ја погодил и одлучувачката тројка за да и обезбеди пласман на Сибона во АБА лигата и останување во лигата за шампион. На крајот од сезоната, Богдановиќ ја прифатил понудата на Фенербахче предводен од Невен Спахија. Во сезоната 2010-2011, во Евролигата имал просек од 18 поени, а најефикасен бил во натпреварот против својот поранешен клуб Реал Мадрид со 28 поени.
На 19 јуни 2011 година, потпишал тригодишен договор со турскиот Фенербахче Улкер. Тој му се приклучил на клубот како трет Хрват, заедно со капитенот Роко Лени Укиќ, кој го предводел клубот до шампионската титула во претходната сезона, и поранешниот негов соиграч од Цибона, Марко Томас. На НБА драфтот еден месец подоцна, тој бил избран за прв пик во вториот круг (вкупно 31-ви) од Мајами Хит, по што следела размена меѓу три клуба Мајами-Минесота-Њу Џерси, по што
Њу Џерси Нетс го добиле Богдановиќ. Неколку дена подоцна, челниците на Нетс изјавиле дека се воодушевени од Бојан и дека го посакуваат во своите редови следното лето. Богдановиќ изјавил дека „ќе му биде чест да игра во клубот на Дражен“, но одлучил да ја помине сезоната во Турција.
Веќе во првите натпревари во редовите на турскиот клуб во Евролигата постигнал по 19 поени против Билбао и Канту. Откако за време на Фајнал Форот во мај 2012 во Истанбул се сретнал со Богдановиќ, главниот менаџер на Њу Џерси Нетс изразил желба за доведување на хрватскиот кошаркар, по што тој побарал раскинување на договорот со турскиот клуб после една сезона бидејќи се чувствувал подготвен да оди во НБА.
И во втората негова сезона во Фенербахче, Богдановиќ имал впечтливи партии во Евролигата. Во првиот натпревар во ова натпреварување за 2013 година против Макаби, тој постигнал 15 поени вклучувајќи и една незаборавна тројка од половината на теренот. Во следните месеци, тој бил единствената светла точка во клубот кој бил далеку од најдобрата форма редејќи пораз за пораз во Евролигата. Во натпреварот против Сиена постигнал 22 поени, а просекот во Top16 фазата на Евролигата му изнесувал 21,8 поени по натпревар, што го направило најдобар стрелец. Како резултат на таквиот просек, Нетси најавиле дека сакаат да го видат Богдановиќ во своите редови веќе следната сезона, а за тоа пишувале бројни странски медиуми, како Marca и Yahoo Sports. Во февруари 2013 година, го освоил својот прв трофеј со Фенербахче откако клубот триумфирал во Купот на Турција, совладувајќи го Галатасарај во финалето.
Брилијантните игри на Евробаскетот во Словенија ги пренел и во Фенербахче па во првото коло на Евролигата за сезоната 2013-2014, го предводел својот клуб до победата против украинскиот Будивељник со 21 кош. Во четвртото коло го срушил Партизан во Пионир со 26 поени а недела дена подоцна уфрлил 20 поени против Нантер, баш колку што му изнесувал и просекот во Евролигата во тој момент. Одличните игри довеле до тоа ФИБА Европа да го предложи за најдобар играч за 2013 година. Иако добил најмногу гласови меѓу љубителите на кошарката во Европа (28.370), стручното оценувачко жири на ФИБА му дале предност на французинот Тони Паркер (Паркер од навивачите добил 24.976 гласови).
Ниту 24 поени на Богдановиќ не му помогнале на Фенербахче да го совлада Армани, со што пласманот во четвртфиналето на Евролигата останал под знак прашање. После поразот од Басконија, во кој Богдановиќ дал 14 поени, Фенербахче испаднал од Евролигата, но го освоил турското првенство на крајот од сезоната. Во јули 2014, турскиот прволигаш и Бруклин Нетс го договориле преминувањето на Богдановиќ во НБА. Со тоа Богдановиќ станал првиот хрват после пет години, кој заиграл во НБА и 14-ти во новата историја на Хрватска после осамостојувањето.
На 20 јули 2014 година, Богдановиќ потпишал тригодишен договор вреден 10 милиони американски долари со Бруклин Нетс. Така, тој станал третиот хрват кој го облекол дресот на Нетс по Дражен Петровиќ и Зоран Планиниќ. Своето деби во НБА лигата го направил на 29 октомври 2014, во поразот со 121-105 од Бостон Селтикс, во кој за својот тим имал учинок од 7 поени и 2 асистенции. На 9 ноември 2014, во својот шестти НБА натпревар во кариерата Богдановиќ имал забележителна партија со 22 поени и 6 скока во победата со 104-96 против Орландо Меџик. На 13 февруари 2015, Богдановиќ бил избран да игра на Ол-стар викендот во натпреварот на ѕвездите во подем за екипата на "Светот" против американците, со што станал првиот хрват кој настапил во овој натпревар по Гордан Гиричек во 2003 година. Во победата на тимот на "Светот", тој поминал на паркетот 17 минути и постигнал 16 поени за победничката екипа.
Во последниот натпрервар од регуларниот дел на сезоната, одигран на 15 април 2015, повторно против Меџик Богдановиќ забележал највисоки за сезоната 28 поени со кои им помогнал на Нетс да го освојат осмото место во Источната конференција и да се пласираат во плејофот. Во текот на својата прва НБА сезона, Богдановиќ одиграл 78 натпревари од кои 28 како стартер и имал просек од 9 поени и 2,7 скокови по натпревар. Во првата рунда на плејофот Нетс биле поразени од Атланта Хокс со 4-2. Богдановиќ играл во сите 6 натпревари, забележувајќи просеци од 10,3 поени, 3,8 скокови и 1,7 асистенции по натпревар.
На почетокот на неговата втора сезона со Нетс, Богдановиќ постигнал 22 поени во победата со 106-98 на гостувањето кај Хјустон Рокетс, помагајќи клубот од Њујорк да ја прекине серијата од 7 порази по ред. 4 јануари 2016 година, Богдановиќ го забележал својот прв дабл-дабл во НБА лигата, остварувајќи учинок од 12 поени и 12 скокови во поразот на домашен терен од Бостон Селтикс со 94-103. Во текот на неговата втора сезона тој започнал да игра многу подобро во одбрана и потврдил дека работел доста на физички план, но поради тоа настрадал напаѓачкиот дел од неговата игра. Како потврда за неговиот лош почеток на 2016 година, дошле два последователни натпревари без постигнат кош во кои играл преку дваесет минути на паркетот. И по тренерската смена во Бруклин, тој продолжил со своите бледи изданија забележувајќи го својот трет натпревар по ред без учинок. Конечно, два дена подоцна, тој ја прекинал црната серија и го предводел тимот со 14 поени до долгоочекуваната победа на домашен терен во градското дерби против Њујорк Никс.
Во февруари 2016, втора година по ред, Богдановиќ добил можност да игра на Ол-стар викендот во натпреварот на ѕвездите во подем, повторно бранејќи ги боите на екипата на "Светот", но овојпат заедно со својот сонародник Марио Хезоња. За разлика од претходната година, овојпат во тесен натпревар победила екипата на "САД". Богдановиќ постигнал шест поени, а изненадување на натпреварот бил Хезоња кој блеснал со 19 поени. Во победата над Филаделфија Севентисиксерс на 16 март 2016 година, Богдановиќ го одиграл натпреварот на кариерата постигнувајќи 44 поени за 37 минути на паркетот со 8 скока, израмнувајќи го рекордот на Дражен Петровиќ за најмногу постигнати поени од странски играч на Нетс. Интересно е тоа што, додека играл за Нетс, Богдановиќ го носел токму дресот со број 44. Тој останал во добра форма и во следните натпревари до крајот на сезоната, но без разлика колку Богдановиќ бил добар Нетс воглавно ги губеле своите натпревари. Во последниот натпревар за регуларниот дел на сезоната, Богдановиќ постигнал 29 поени во поразот од Торонто Репторс. Со скор 21 победа и 61 пораз, Нетси го освоиле претпоследното место на истокот и не избориле учество во плејофот. Сепак, за Богдановиќ ова била позитивна сезона бидејќи ги подобрил своите перформанси во однос на својата прва НБА сезона и во просек бележел по 11,2 поени и 3,2 скокови.
После солидните игри во претсезоната, новата НБА сезона ја отворил со 21 поен и 5 скока во поразот од Бостон, завршувајќи го натпреварот како најдобар стрелец. Постигнувајќи три тројки во натпреварот, тој стигнал до бројката од 223 погодени тројки за клубот од доаѓањето во 2014 година, соборувајќи уште еден од рекордите на Дражен Петорвиќ. Во февруари 2017, го напуштил Бруклин и се преселил во Вашингтон Визардс, иако за него владеел голем интерес и од други НБА екипи меѓу кои биле и актуелните шампиони Кливленд Кавалирс кои исто така биле во потрага за добар шутер, а Богдановиќ со просек од 14,2 поени по натпревар за време на сезоната 2016-2017 навистина бил тоа.
На 22 февруари 2017 година, Богдановиќ бил разменет, заедно со Крис Мекалох во Вашингтон Визардс во замена за Ендрју Николсон, Маркус Торнтон и пик од првиот круг на НБА драфтот во 2017 година. На 1 март 2017, тој постигнал 27 поени во победата со 105–96 над Торонто Репторс. Четири дена подоцна, тој постигнал 15 од своите 27 поени и пет од своите рекордни осум тројки во еден натпревар во НБА кариерата, вклучувајќи ја и победничката, за време на четвртата четвртина од победата на Визардс со 115–114 над Орландо Меџик. На 7 март, тој постигнал 29 поени и постави рекорд на франшизата за слободни фрлања, реализирајќи 16 од 16 во победата од 131–127 над Финикс Санс.
Тој одиграл 26 НБА натпревари за Визардс за време на неговите пет месеци во Вашингтон и имал просек од 12,7 поени по натпревар во регуларниот дел од сезоната и 8,8 поени во плејофот, каде неговите стигнале до полуфиналето на источната конференција во кое загубиле од Бостон во седум натпревари.
На 10 јули 2017 година, Богдановиќ потпишал со Индијана Пејсерс. Во своето деби за Пејсерси на отворањето на сезоната на 18 октомври 2017 година, Богдановиќ постигнал 14 поени во победата од 140–131 над неговиот поранешен клуб Бруклин Нетс. На 5 февруари 2018 година, тој постигнал рекордни за сезоната 29 поени во поразот со 111–102 од уште една негова поранешна екипа Вашингтон Визардс. На 5 март 2018 година, тој го израмнил својот најдобар резултат во сезоната со 29 поени во победата од 92–89 над Милвоки Бакс. Во натпреварот број 3 од плејоф серијата на Пејсерс против Кливленд Кавалирс во првото коло на источната конференција, Богдановиќ постигнал највисоки во кариерата 30 поени во еден плејоф натпревар, од кои 19 во второто полувреме, придонесувајќи за победата со 92–90 со која неговиот тим повел со 2-1. Сепак, Пејсерс ја загубиле серијата во седум натпревари.
На 1 декември 2018 година, Богдановиќ постигнал 27 поени во поразот со 111–110 од Сакраменто Кингс. На 2 февруари 2019 година, тој постигнал највисоки за сезоната 31 поен во победата од 95–88 над Мајами Хит, со што Индијана ја прекинала серијата од 4 порази по ред. На крајот на истиот месец, на 28 февруари, тој постигнал 37 поени во победата од 122–115 над Минесота Тимбервулфс.
На 7 јули 2019 година, Богдановиќ потпишал четиригодишен договор вреден 73 милиони долари со Јута Џез, што го прави најплатен хрватски спортист на сите времиња. Тој погодил два шута за победа со звукот на сирената во првата сезона со Јута: на 8 ноември 2019 година, против Милвоки Бакс и на 9 февруари 2020 година против Хјустон Рокетс.
На 26 септември 2022 година, Богдановиќ бил разменет во Детроит Пистонс во замена за Кели Олиник, Сејбен Ли и парични трошоци.
Откако поминувал во сè помлади селекции на Хрватска од 2010 година станал член на првиот тим. Со нив тој настапил на светското првенство 2010 година и 2014 година, Европското Првенство 2011 година, 2013. и 2015 година. и на Олимписките игри во Рио 2016 година.
|dead-link=
(help)
|access-date=, |archive-date=
(help)