Ирска војна за независност | |||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Борци на Ирската републиканска Армија |
|||||||||
|
Ирската војна за независност (ирски: Cogadh na Saoirse) или Англо-ирска војна била герилска војна која се водела во Ирска од 1919 до 1921 помеѓу Ирската републиканска армија (IRA) и британските сили: Британската армија, заедно со квазивоената Кралска ирска полиција (RIC) и нејзините паравоени сили.
Во април 1916, ирските републиканци го започнале Велигденското востание против британската власт и прогласиле Република. Иако востанието било задушено после една недела борба, востанието и британскиот одговор довеле до поголема поддршка за ирската независност. На изборите во декември 1918, републиканската партија Шин Фејн извојува убедлива победа во Ирска. На 21 јануари 1919 тие формирале влада и прогласиле независност на Ирска. Истиот ден, двајца офицери на RIC биле убиени во заседа од страна на доброволци на IRA кои дејствувале самоиницијативно. Конфликтот се развивал постепено. Поголемиот дел од 1919, активноста на IRA се состоела од заробување на оружје и ослободување на републикански затвореници, додека парламентот се зафатил со изградба на државата. Во септември, британската влада го прогласила парламентот и Шин Фејн за незаконски и конфликтот се интензивирал. IRA започнала со заседи на RIC и Британската армија, напаѓајќи ги нивните касарни и принудувајќи изолираните касарни да бидат напуштени.
Во средината на 1920, републиканците ја презеле контролата во повеќето окружни совети, поради што Британската влада вовела овластувања за итни случаи. Околу 300 луѓе биле убиени до крајот на 1920, но конфликтот ескалирал во ноември.
Конфликтот во североисточен Алстер имал сектаријанистички аспект. Додека католичкото малцинство главно ја поддржувало ирската независност, протестантското мнозинство воглавно било унионистичко/лојалистичко. Во мај 1921, Ирска била поделена со закон, со кој била создадена Северна Ирска.
Прекинот на огнот започнал на 11 јули 1921. Преговорите после тоа довеле до потпишување на Англо-ирскиот договор на 6 декември 1921. Со тоа се завршило британското владеење во поголемиот дел од Ирска, и после десетмесечен преоден период надгледуван од привремената влада, била создадена Слободна Држава Ирска како самоуправен доминион на 6 декември 1922. Северна Ирска останала во рамки на Обединетото Кралство. После прекинот на огнот, насилството во Белфаст и борбите во пограничните области на Северна Ирска продолжиле, и IRA започнала офанзива во мај 1922, која завршила неуспешно. Во јуни 1922, несогласувањето помеѓу републиканците во врска со Англо-ирскиот договор довело до единаесетмесечна граѓанска војна. Слободната Држава Ирска доделила 62,868 медали за служба во Војната за независност.