К. С. Луис | |
---|---|
Луис во 1947 г. | |
Роден/а | Клајв Стејплс Луис 29 ноември 1898 Белфаст, Ирска |
Починат/а | 22 ноември 1963 Оксфорд, Англија | (возр. 64)
Почивалиште | Црква Света Троица во Хедингтон |
Псевдоним | Клајв Хамилтон, Н. В. Клерк |
Занимање | Романописец, професор, теолог |
Апсолвент на | Универзитетски колеџ (Оксфорд) |
Жанр | Христијанска апологетика, фантазија, научна фантастика, литература за деца |
Значајни дела | Хрониките на Нарнија Само христијанство Алегорија на љубовта Писмата на Душовадникот Аболиција на човекот Трилогијата Вселена Додека имаме образ Изненаден од радост: Обликот на мојот ран живот |
Сопруг/а | Џој Дејвидмен (в. 1956; починала 1960) |
Деца | 2 посиноци |
Роднини | Ворен Луис (брат) |
Клајв Стејплс Луис, (англиски: Clive Staples Lewis; 29 ноември 1898 – 22 ноември 1963) познат како К. С. Луис ― британски писател и англикански теолог. Одржал предавал англиска литература на Оксфордскиот универзитет (1925-1954) и на Универзитетот во Кембриџ (1954-1963). Најпознат е како автор на Хрониките на Нарнија.
Луис бил близок пријател со Џ. Р. Р. Толкин, авторот на Господарот на прстените. И двајцата предавале на Оксфордскиот универзитет и биле членови во неформалната книжевна дружина од Оксфорд позната како Инклингс.
Луис напишал преку 30 книги кои се преведени на повеќе од 30 јазици и се продадени во милиони примероци. Книгите од „Хрониките на Нарнија“ се најпродавани и се изведувани во театар, на ТВ, радио и адаптирани во филм. Неговите филозофски списи се често цитирани од христијански теолози од многу деноминации.
Во 1956 година, Луис се оженил со американската писателка Џој Дејвидман; која починала од рак четири години подоцна на 45-годишна возраст. Луис починал на 22 ноември 1963 година поради откажување на бубрезите, една недела пред неговиот 65-ти роденден. Во 2013 година, на 50-годишнината од неговата смрт, во чест на Луис во Поетското катче во Вестминстерската опатија бил направен споменик.
Клајв Стејплс Луис е роден на 29 ноември 1898 година во Дундела Вилас, предградие на Белфаст во Алстер, Ирска (пред поделбата ). Неговиот татко Алберт Џејмс Луис бил успешен адвокат, а мајка му Флоренс Аугуста била ќерка на англикански свештеник.
Кога неговото куче Џекси било убиено од автомобил, четиригодишниот Луис го усвоил името Џекси. Отпрвин, тој не одговараше на друго име, но подоцна го прифати Џек, името по кое им беше познат на пријателите и семејството до крајот на својот живот. Во април 1905 година, со своето семејство се преселил во семејна куќа што ја изградил неговиот татко во источен Белфаст, која ја нарекле „Малата Леа“.
Како момче, Луис се интересирал за антропоморфни животни; се заљубил во приказните на Беатрикс Потер и често пишувал и илустрирал свои приказни за животни. Заедно со неговиот брат Варни, го создал светот на Боксен, измислена земја во која живеат и владеат животни.
До својата деветта година, Луис бил школуван од приватни тутори, а откако во 1908 година неговата мајка починала, татко му го испратил во Англија да живее и учи во училиштето Вајнјард во Ватфорд, Хертфордшир. Неговиот брат се запишал таму три години претходно. Набргу, училиштето било затворено зошто немало ученици. Луис се запишал на колеџот Кембел во источниот дел на Белфаст на околу една милја од неговиот дом, но го напуштил неколку месеци подоцна поради респираторни проблеми.
Потоа повторно бил испратен во Англија во Малверн, Ворчестершир, каде посетувал подготвително училиште Шербур Хаус, кое Луис во својата автобиографија го нарекува „Шартр“. Во овој период го напуштил христијанството на кое бил учен како дете и станал атеист. Исто така овде се заинтересирал за европската митологија и окултизмот.
Во септември 1913 година, Луис се запишал на колеџот Малверн, каде што останал до јуни. Откако го напуштил Малверн, земал приватни часови кај Вилијам Т. Киркпатрик, учител на неговиот татко и поранешен директор на колеџот Лурган.
Учењето со Киркпатрик, на Луис му всадило љубов кон грчката книжевност и митологија и овозможило да развие вештини за размислување и расудување. Во 1916 година, Луис добил стипендија од Универзитетскиот колеџ во Оксфорд.
Откако за прв пат пристигнал во Англија, Луис доживеа еден вид културен шок: „Ниту еден Англичанец нема да може да ги разбере моите први впечатоци за Англија“, напиша Луис во Изненаден од радоста (1955) и продолжува: „Чудните англиски акценти со кои бев опкружен ми изгледаа како гласови на демони. Но, она што беше најлошо беше англискиот пејзаж... Оттогаш почнав да се карам; но во тој момент зачнав омраза кон Англија за која беа потребни многу години да се излечи.“
Од самото детство, Луис прво се запознал нордиската и грчката митологија, а подоцна и со ирската митологија и книжевност. Тој изразил интерес и за ирскиот јазик, иако нема многу докази дека се трудел да го научи. Особено бил воодушевен од Јејтс, делумно поради тоа што Јејтс употребува келтски мотиви во поезијата.
Во 1921 година, Луис двапати се сретнал со Јејтс (Јејтс се преселил во Оксфорд). Изненаден од рамнодушноста на неговите врсници кон Јејтс и кон движењето Келтска преродба. На почетокот од својата кариера, Луис размислувал своите дела да ги испрати до големите издавачи во Даблин.
Откако повторно се преобратил во христијанска вера, своите интереси ги насочил кон христијанската теологија и се оддалечил од паганскиот келтски мистицизам (како спротивност на келтскиот христијански мистицизам).
Луис студиите во Оксфорд ги започнал на 26 април 1917 година, но бил принуден да го напушти универзитетот и да се приклучи на британската армија. Бил регрутиран во Кадетскиот баталјон за обука. По обуката, станал офицер во третиот баталјон од лесната пешадија на британската армија во Сомерсет. За неколку месеци од британската армија бил пратен во Франција за да се бори во Првата светска војна.
На неговиот 19-ти роденден (29 ноември 1917 година), Луис пристигнал на линијата на фронтот во долината Сом во Франција, каде што за прв пат искусил рововска војна. На 15 април 1918 година, Луис бил ранет, а други двајца војници биле убиени од британска граната која ја промашила целта. Во октомври, откако закрепнал воената должност ја продолжил во Андовер, Англија. Во декември 1918 година бил распуштен и набрзо се вратил на студиите.
По враќањето на Универзитетот во Оксфорд, Луис во 1920 година добил диплома за грчка и латинска книжевност, во 1922 година за филозофија и античка историја и во 1923 година за англиски јазик. Во 1924 година станал професор по филозофија на Универзитетскиот колеџ, а во 1925 година станал професор по англиска книжевност на Магдалена колеџот при Оксфордскиот универзитет, каде што работел 29 години до 1954 година.
Луис израснал во религиозно семејство кое припаѓало на црквата од Ирска, но на 15-годишна возраст станал атеист. Почнал да се оддалечува од христијанството откако на својата религија почнал да гледа како на должност; а истовремено се заинтересирал за окултизмот. Луис го цитирал Лукрециј (De rerum natura, 5.198–9) како еден од најсилните аргументи за атеизмот:
Nequaquam nobis divinitus esse paratam
Naturam rerum; tanta stat praedita culpa
што поетски го превел на следниов начин:
Ако Бог го создал светот, немаше да биде
Светов што го гледаме толку кревок и грешен.
Делата на шкотскиот писател Џорџ Мекдоналд почнале да го одвраќаат Луис од атеизмот.
На крајот го прифатил христијанството под влијание на расправиите со неговиот колега и пријател од Оксфорд, Џ.Р.Р. Толкин..Луис енергично се спротивставил на преобраќањето, забележувајќи дека тој бил донесен во христијанството како расипник, „коцкајќи, мачејќи се, огорчен и барајќи со очите од каде може да избега“.
По неговото преобраќање во теизам во 1929 година, Луис го прифатил христијанството во 1931 година. Станал член на Англиската црква – донекаде на разочарување на Толкин, кој се надевал дека ќе се приклучи на Католичката црква.
По избувнувањето на Втората светска војна во 1939 година, семејството на Луис ги згрижувало децата евакуирани од Лондон и другите англиски градови во својата куќа. Луис имал 40 години кога започнала војната, и повторно се обидел да стапи во воена служба, нудејќи се да ги учи кадетите; но понудата не била прифатена. Подоцна служел во месната домашна стража во Оксфорд.
Од 1941 до 1943 година, додека градот бил под периодични воздушни напади, Луис зборувал на религиозни програми емитувани од Би-Би-Си.
Во јануари 1942 година Луис бил поканет да стане прв претседател на Оксфордскиот Сократски клуб, функција што со задоволство ја извршувал до 1954 година.
Џорџ VI во декември 1951 година го именувал Луис на списокот на почести како командант од Редот на Британската империја (CBE), но Луис ја одбил за да не биде поврзуван со политика.
Во 1954 година, Луис ја прифатил новооснованата катедра за средновековна и ренесансна литература на колеџот Магдалена при Кембричкиот универзитет, каде што ја завршил својата кариера. Тој бил силно приврзан кон градот Оксфорд, и сѐ до неговата смрт во 1963 година секој викенд го посетувал овој град.
Во неговите подоцнежни години, Луис се допишувал со високо интелигентната еврејска поетеса и писателка Џој Дејвидман, поранешна комунистка и која се преобратила од атеизам во христијанство. Таа се разделила од нејзиниот сопруг (романсиерот Вилијам Л. Грешам) кој бил алкохоличар и ја навредувал, и со нејзините два сина, Дејвид и Даглас дошла во Англија. Луис ја сметал за пријатна интелектуална придружничка и личен пријател, и за таа да може да продолжи да живее во ОК се согласил да склучи договор за граѓански брак. Се венчале на 23 април 1956 година. На Џој набргу ѝ бил дијагностициран рак на коски, а врската се развила до степен што со Луис склучиле христијански брак. Бидејќи била разведена, во Англиската црква во тоа време тоа не било едноставно, и нивен пријател Питер Бајд, на 21 март 1957 година ја изврши церемонијата крај нејзиниот кревет во болницата Черчил.
Ракот на Џој наскоро се повлекол, и двојката живеела заедно со семејството на Ворен Луис до 1960 година, а потоа ракот повторно се појавил. Таа починала на 13 јули 1960 година. Книгата на Луис Набљудување на тагата ја тагата што на таков суров начин ја искусил; и прво ја објавил под псевдонимот NW Clerk за читателите да не ја поврзат книгата со него. Иронично е што многу пријатели му ја препорачале книгата на Луис како метод за справување со сопствената тага.
На почетокот од јуни 1961 година, Луис заболел од нефритис, што предизвикало труење на крвта. Од здравствени причини го пропуштил есенскиот семестар во Кембриџ, а неговото здравје постепено почнало да се подобрува во 1962 година.
На 15 јули 1963 истата година, Луис се разболел и бил примен во болница; следниот ден доживеал срцев удар и паднал во кома, но неочекувано се разбудил следниот ден. Откако бил отпуштен од болницата, Луис се вратил дома, но бил премногу болен за да се врати на работа. Во август 1963 година, поднесл оставка од својата функција во Кембриџ.
Здравјето на Луис продолжило да се влошува, а кон средината на ноември му била дијагностицирана бубрежна инсуфициенција во краен стадиум. Колабирал во својата спална соба во 17:30 часот на 22 ноември, точно една недела пред неговиот 65-ти роденден, и починал неколку минути подоцна. Тој е погребан во дворот на црквата Света Троица, Хедингтон, Оксфорд. Неговиот брат Ворен починал на 9 април 1973 година и бил погребан во истиот гроб.
Медиумското покривање за смртта на Луис било речиси целосно засенето од веста за атентатот на Џон Кенеди (отприлика 55 минути откако Луис колабирал), како и од смртта на Олдос Хаксли, авторот на Храбар нов свет. Оваа коинциденција била инспирација за книгата од Питер Крефт „Помеѓу рајот и пеколот: Дијалог некаде зад смртта со Џон Ф. Кенеди, К.С. Луис и Олдос Хаксли.
Постхумно објавени:
|