Обична леска

Обична леска
Листови и лешници
Научна класификација [ у ]
Царство: Растенија
клад: Скриеносеменици
клад: Евдикоти
клад: Розиди
Ред: Буковидни
Семејство: Брези
Род: Леска
Вид: Обична леска
Научен назив
Corylus avellana
L.
Распространетост

Обична леска (науч. Corylus avellana) - вид листопадно дрво од родот леска.

Распространетост и морфологија

Обичната леска е грмушка којашто може да достигне височина од пет до седум метри, а расте во цела Европа и во Северозападна Африка. Најчесто расте во влажни, осојни места, но се култивира речиси во сите европски земји. Коренот на леската е плиток, кората е мазна и светлокафеава, пупките се јајцевидни со повеќе лушпи, младите гранчиња се црвенкасто-влакнести. Лисјата на леската се сместени на кратки дршки, по форма се тркалезни или елипсовидни, а по рабовите се остро, пилесто назабени. Леската цвета пред пролистувањето, во периодот од февруари до април, а нејзините цветови се во форма на реси. Машките реси се жолти и се формираат во текот на летото претходната година, додека женските реси се покриени со лисни лушпи и се одделени од машките. Плодот на леската е во форма на оревче (лешник) и созрева во септември и во октомври, а потоа брзо паѓа при што семката што се наоѓа во плодот може да се јаде.

Лековити својства

Во медицината се користат плодот на леската (Corylus avellana fructus), младите листови (Corylus avellana folium) и кората од стеблото (Corylus avellana cortex). Притоа, плодовите се берат кога се зрели, по што се сушат на сонце; листовите се берат кога се млади, а се сушат под сенка и на проветрени места; кората се бере во рана пролет при што се сече на тенки парчиња (до 10 сантиметри) и потоа се суши. Семките од плодот на леската (лешниците) содржат: 50-60% масла, кои најчесто се состојат од олеинска и линолна киселина, 14-18% белковини, околу 14% скроб и околу 2,5% минерали. Хемискиот состав на кората содржи: катехински танин (5-8%), малку смола, етерични масла, флавониди, деривати на мирицетол итн. Најпосле, листот содржи танини, флавониди, фолна киселина и витамин Ц.

Лисјата и кората на леската се користат за лекување на воспалени вени и хемороиди, бидејќи ги стеснуваат крвните садови, благодарение на танините што ги содржат. Исто така, леската помага и во надворешното лекување на верикозни улцерации во вид на облоги подготвени од кората и лисјето. Младите листови се користат за лекување на чир во желудникот, проливи, хроничен воспалителен процес на дебелото црево и други стомачни заболувања. Во народната медицина, листот и кората се употребуваат за лекување на зголемена простата. Притоа, од листовите и од кората се подготвува чај, а од кората се прави и маст која може да остане стабилна до две години.

Наводи

  1. Shaw, K.; Roy, S.; Wilson, B. (2014). Corylus avellana. Црвен список на загрозени видови. 2014: e.T63521A3125935. doi:10.2305/IUCN.UK.2014-3.RLTS.T63521A3125935.en. Посетено на 19 ноември 2021.
  2. 2,0 2,1 2,2 Илчо Захариев, „Леска (Corylus avellana)“, Штипски Мозаик, март-април 2017, стр. 19.

Надворешни врски