Стадион 974 | |
---|---|
Место | Рас Абу Абуд, Катар |
Започнат | 2018 |
Отворен | 30 ноември 2021 |
Сопственик | |
Подлога | Трева |
Архитект | Fenwick Iribarren Architects |
Игра | |
Гледачи | 40.000 |
Стадион 974 (арап. استاد 974, порано Стадион Рас Абу Абуд) — фудбалски стадион во Рас Абу Абуд, Доха, Катар. Овој стадион бил отворен на 30 ноември 2021 година, и е еден од осумте стадиони во Катар каде ќе се играат натпреварите од Светското првенство во фудбал во 2022 година. По завршувањето на првенството, Стадионот 974 нема повеќе да се користи, односно ќе биде извршена деконструкција на истиот.
Концептот на стадионот бил дизајниран од страна на шпанската компанија Fenwick Iribarren Architects. Стадионот се наоѓа на вештачки гребен, и е изграден на брег од 450.000 квадратни метри. Како и некои од останатите стадиони, овој стадион има модуларен дизајн. Направен е од 974 рециклирани контејнери за транспорт во чест на индустриската историја на локацијата и меѓународниот повикувачки број за Катар (+974). Некои од овие контејнери содржат скали, штандови и тоалети. По завршувањето на првенството, контејнерите и седиштата ќе бидат демонтирани и донирани на некои од неразвиените земји во светот. Стадионот 974 е првиот привремен стадион во историјата на Светското првенство на ФИФА.
Стадионот е еден од осумте што се пренаменети за Светското првенство на ФИФА во Катар 2022 година. Процесот за пренамена на стадионот започнал во 2017 година. Во изградбата на стадионот учествувале HBK Contracting Company (HBK), DCB-QA, Time Qatar, Fenwick Iribarren Architects (FI-A), Schlaich Bergermann Partner и Hilson Maron.
Стадионот добил четири ѕвезди од Глобалниот систем за проценка на одржливост (GSAS).
Стадионот првично бил најавен под името Стадион Рас Абу Абуд. За време на настанот организиран по повод отворањето на стадионот на 20 ноември 2021 година, стадионот официјално бил преименуван во Стадион 974.
Првиот натпревар на Стадионот 974 се одржал на 30 ноември 2021 година на денот на отворањето на Арапскиот куп на ФИФА, помеѓу Обединетите Арапски Емирати и Сирија. Стадионот бил домаќин на пет натпревари за време на Арапскиот куп на ФИФА 2021 година.
Стадионот 974 ќе биде домаќин на седум натпревари од Светското првенство во фудбал во 2022 година.
Датум | Време | Тим бр. 1 | Резултат | Тим бр. 2 | Рунда | Присуство |
---|---|---|---|---|---|---|
22 ноември 2022 година | 19:00 часот | Мексико | 0–0 | Полска | Група Ц | |
24 ноември 2022 година | 19:00 часот | Португалија | 3–2 | Гана | Група Х | |
26 ноември 2022 година | 19:00 часот | Франција | 2–1 | Данска | Група Д | |
28 ноември 2022 година | 19:00 часот | Бразил | – | Швајцарија | Група Г | |
30 ноември 2022 година | 22:00 часот | Полска | – | Аргентина | Група Ц | |
2 декември 2022 година | 22:00 часот | Србија | – | Швајцарија | Група Г | |
5 декември 2022 година | 22:00 часот | Победникот од група Г | – | Второпласираниот од група Х | Осминафинале |