Ramones (се чита: Рамоунс) — американска панк-рок група основана во Њујорк во 1974 година. Иако за време на постоењето имала умерен комерцијален успех, денес групата се смета за многу влијателна во панк-културата. Многумина ja посочуваат како првиот панк-рок состав. Сите членови за презиме си го присвоиле псевдонимот Ramone (Рамоун); тие биле инспирирани од Пол Макартни, кој се најавувал во хотелите под името Пол Рамон. Тие одржале точно 2 263 концерти на бројните турнеи кои речиси без престан траеле 22 години. Во 1996 година, одржале проштален концерт во Лос Анџелес и се распаднале.
Сите четворица оригинални членови на групата починале до 2014 година: пејачот Џои Рамон (1951-2001), басистот Ди Ди Рамон (1951-2002), гитаристот Џони Рамон (1948-2004) и тапанарот Томи Рамон (1949-2014). Другите преживеани членови од Рамонс: басистот Си Џеј Рамон (кој го заменил Ди Ди во 1989 година и останал со групата до нејзиното распаѓање) и тапанарите Марки Рамон, Ричи Рамон и Елвис Рамон, и понатаму се активни во музиката.
Рамонс се наоѓаат на 26-то место на списокот од „100 најдобри музичари на сите времиња“ објавен од списанието „Ролинг Стоун“ и на 17-то место на списокот од „100 најдобри хард-рок-музичари“ според VH1. Во 2002 година, списанието Spin ги ставило Рамонс на второ место на списокот на „Најдобри групи на сите времиња“, веднаш зад Битлси. На 18 март 2002 година, основачките членови на групата и Марки Рамон, биле примени во Куќата на славата на рокенролот. Во 2011 година, групата добила Греми награда за животно дело.