QRpedia (изг.ку-ер педија или анг. изг. кју-ар-педија) — систем за мобилни уреди кој користи QR-кодови за давање пристап до статии од Википедија на нивниот претпочитан јазик. Ваквиот код се наменет да води до одредена еднообразна ресурсна назнака (URI), но QRpedia дава дополнителни можости. Со програмот раководи и е во сопственост на Викимедија Обединето Кралство (WMUK).
Кога корисникот ќе го вчита QRpedia-кодот на неговиот мобилен уред, уредот го претвора во еднообразен пронаоѓач на ресурси (URL) користејќи го доменското име „qrwp.org“, а чија патека (конечен дел) е насловот на статијата на Википедија, па праќа барање за статијата укажана во URL-то до мрежиот опслужувач на QRpedia. Покрај ова, го утврдува и предава јазикот на кој е наместен уредот.
По ова, опслужувачот на QRpedia го користи посредник за програмирање на прилози (API) на Википедија за да утврди дали постои верзија на википедиската статија на јазикот што се користи на уредот, и ако постои, ја дава во формат соодветен за мобилни уреди. Доколку не постои таква статија, тогаш опслужувачот ги нуди расположливите јазици или пак превод со Гугл.
Вака, QR-кодот може да даде една статија на многу јазици, дури и кога установата не е во можност да направи свои преводи. QRpedia исто така води статистичка евиденција за нејзиното користење.
Настанок
Творци на QRpedia се википедијанецот Роџер Бамкин, и советникот за мобилни семрежни работи Теренс Идн, а првпат е претставена на 9 април 2011 г. на настанот „Зад сцената“ (Backstage Pass) во Музејот и уметничка галерија Дарби, како дел од соработката „ГБАМ/Дарби“ помеѓу установата и Википедија, во чиј состав се напишани и преку 1.200 статии на неколку јазици. називот на проектот е кованица од „QR (Quick Response)“ и „-педија“.
Во јануари 2012 г. QRpedia станала еден од четирите проекти (од 79 кандидати) прогласени за најиновативни мобилни претприемања во Британија за таа година од проектот „СМАРТ УК“, а потоа влегла и во конкуренција за Светскиот мобилен конгрес во Барселона во 2012 г.
↑Byrd Phillips, Lori (2011-07-29). „QR codes + Wikipedia = QRpedia“. The Children's Museum of Indianapolis. Архивирано од изворникот на 2011-09-26. Посетено на 25 August 2011.